Гурбиндо: Денес сум играч на Вардар, а утре…

Шпанскиот интернационалец Едуардо Гурбиндо не беше во ростерот на Вардар за првиот натпревар од Суперлигата, кој шампионот го доби лесно против Скопје со 24 гола разлика.

Изминатите денови се појавија шпекулации дека десниот бек би можел да си замине од Скопје, конкретно во романскиот шампион Динамо Букурешт, каде што тренер е Чави Пасквал.

Тој беше на трибините во „Јане Сандански“ и го следеше дуелот Вардар – Скопје, но не сакаше премногу да коментира за актуелната ситуација.

„Не сакам да ги коментирам шпекулациите низ медиумите. Јас сум во Скопје и се уште сум играч на Вардар, а утре ќе видиме…Што ќе се случува понатаму знае само претседателот на клубот“, вели Гурбиндо.

„Црвено-црните“ на десната бековска позиција го имаат Кубанецот Моралес, како и Томислав Јагуриновски, а доаѓа и Кевин Њокас.