Грзентиќ: Еурофарм Пелистер e силен тим, одлично пополнет на секоја позиција

Екипата на Татран Прешов ќе гостува во Битола со надеж за освојување на првите бодови во рамките на СЕХА лигата. Шампионот од Словачка на почетокот доживеа порази од Загреб и Металопластика во регионалното натпреварување. Гостите од Словачка доаѓаат ослабени поради раскинување на договорот со репрезентативецот на Тунис, Џинет Џембала.

Еден од поискусните ракометари во Татран Прешов, Нино Грзентиќ за 24 Ракомет изјави дека Еурофарм Пелистер е квалитетна екипа со одлични ракометари на секоја позиција. На гостувањето се надева на позитивен резултат за неговата екипа иако нема да биде лесно.

“Знаеме дека Еурофарм Пелистер не е истата екипа од ланската година. Сега се многу посилни и имаат силен тим. Ќе се обидеме да играме со сите сили и ќе видиме како ќе биде крајниот резултат. Еурофарм Пелистер се силни на секоја позиција плус имаат неколку нови ракометари кои се одлични”, вели Грзентиќ за 24 Ракомет.

Ситуацијата со корона состојбата беше причина за хаосот со ракометните клубови. Откажување на натпревари, менување на авионски летови, тестирања…. Интернационалецот од Словенија потенцира дека причина за слабите резултати на меѓународна сцена освен состојбата со ковид пандемијата голема улога имаа и повредите кои се случуваа во неговата екипа.

“Eдноставно не го игравме оној ракомет на кој бевме навикнати во минатото. Не е лесно да се игра со само 8 до 10 ракометари на терен. Ковид имаше огромно влијание врз нашиот тим. Сите ракометари од нашиот тим беа позитивни во текот на октомври до декември и имаше повредени ракометари. Мораа да одат во карантин до 2 или 3 недели, навистина е тешко да тренирате и да останете во форма ако на секои две недели има позитивни ракометари во тимот”, заврши Грзентиќ.

Натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер – Татран Прешов се игра денеска со почеток од 17:45 часот во спортската сала “Боро Чурлевски”.