Градското дерби меѓу Вардар и Чаир заврши без победник

Ракометарките на Вардар и Чаир одиграа без победник, 29:29, во првото коло од новата сезона во Женската лига. Вардар со покажана игра против амбициозниот Чаир даде до знаење дека ќе биде тврд ривал за сите екипи.

Тимот на Чаир иако имаше фуриозен старт и предност од 6:1, сепак, домаќинките со серија од 4:0 фатија приклучок и намалија на 6:5. Ракометарките на Басри Љатифи до 20-та минута беа во минимална предност од еден до два гола разлика, а по нерешените 11:11, следуваше целосен пресврт на вардарки.

Ракометарките на Царчев ги затворија главните играчи на ривалот, најпрво победија со 12:11, потоа зголемија на плус два, 13:11, и до крајот на првото полувреме беа поконкретни на теренот. Чаир сето она што го изгради во воведниот дел, за момент го изгуби, па така гостинот беше под голем притисок за камбек во дуелот.

Домашниот тим со разновидна игра, цврста одбрана и неколку расположени ракометарки, не му дозволи на градскиот ривал да се врати во игра, одлично се снаоѓаше во нападите и на полувреме замина со резултатска предност од 15:13.

Една од најдобрите на теренот, левиот бек Сара Стефаноска со својот петти гол зголеми на 16:13 на стартот на вториот дел. Чаир никако не можеше да фати приклучок и како да крена раце од градското дерби.

Откако Чаир намали на 19:16, вардарки со два гола во низа стигнаа и до пет позитива, 21:16. Тимот на Љатифи возврати со поголема мера, направи серија од 5:0 и во 45-минута конечно дојдоа до изедначување, 21:21.

Во последните десет минути секој гол беше важен и една грешка можеше да значи многу. Гол за гол се играше до финишот и секогаш кога Вардар требаше да се одлепи на два, гостинскиот тим израмнуваше.

На две минути пред крајот беше 28:28, домашниот тим не успеа да реализира, а Чаир со голот на Николовска поведе со 29:28. Во последните секунди беше досуден пенал за Вардар, кој беше реализиран од Стефаноска за 29:29, па така градското дерби заврши без победник.