Го сменија тренерот пред осминафиналето од ЛШ

Раководството на Рапид Букурешт денес објави дека Карлос Вивер не е повеќе тренер на екипата и во текот на следниот период ќе биде познато новото тренерско име во романскиот шампион, кој во оваа сезона влезе со големи амбиции на европска сцена.

Вивер во Рапид Букурешт пристигна во текот на 2020 година, претходно работеше во Грањолерс и во периодот од 2017 до 2021 година беше селектор на женската репрезентација на Шпанија. Со ,,црвената-фурија” го освои сребрениот медал на Светското првенство во Јапонија (2019).

Според романскиот портал „ГСП“, наследник на Вивер ќе биде екс тренерот на Вардар, Ким Расмусен. Данскиот стратег моментално нема никаков ангажман, откако пред извесен период ја напушти селекторската функција на Јужна Кореја.

Челниците на Рапид Букурешт посакуваат клубот да се пласира во четвртфиналето во Лигата на шампионите и да има шанса да избори билет на Ф4 турнирот во Будимпешта. Ривал во осминафиналето на Рапид Букурешт ќе биде словенечки Крим.

Расмусен одлично го познава женскиот ракомет во Романија бидејќи беше тренер на ЧСМ Букурешт и Глорија Бистрица, но и селектор на романската женска сениорска репрезентација. Со тимот на ЧСМ Букурешт ја освои Лигата на шампионите во 2016 година.

Минатата сезона доби отказ од Глорија Бистрица, екипа која тогаш имаше буџет од 2,5 милиони евра. За тој временски период беше и најплатен тренер во романскиот шампионат, месечните примања му беа 8000 евра.