Го облече репрезентативниот дрес по пауза од 427 дена, ќе игра и против Македонија!

Ракометарот на Веспрем, Расмус Лауге, вчера повторно го облече дресот на репрезентацијата на Данска по пауза од 427 дена.

Средниот бек настапи на пријателскиот натпревар против селекцијата на Норвешка во рамките од подготвителниот период пред почетокот на Европското првенство, кое ќе стартува на 13 јануари.

Данците одиграа одличен натпревар и прославија победа против Норвежаните со десет гола разлика, 35:25. Формата на ракометарите на Данска е само потврда за нивните високи амбиции на континенталниот собир.

Лауге поради повреда на лигаментите го пропушти Светското првенство во Египет кое се одржуваше во месец јануари, 2021. Во месец октомври минатата година во натпревар од Лигата на шампионите  заработи повреда на скочниот зглоб.

Данска е ривал на Македонија во првата фаза од натпреварите во Дебрецин. Дуелот со Македонија е закажан за 17 јануари со почеток од 20:30 часот. Во Групата А, Данска за противници ги има и селекциите на Словенија и Црна Гора.