Засилување од дански ГОГ Гудме доаѓа во македонскиот шампион

Новиот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, започна со креирањето на костурот на екипата за новата натпреварувачка сезона, во која ќе игра и во Лигата на шампионите.

Второ име во битолскиот тим, по прекомандувањето на Павле Петровиќ од Еурофарм Пелистер 2, е репрезентативецот на Словенија, Нејц Цехте, кој во Еурофарм Пелистер ќе пристигне од ГОГ Гудме.

Словенецот во оваа сезона требаше да го носи дресот на Вардар, но поради тоа што Европската ракометна федерација (ЕХФ) го исклучи од европски настапи поранешниот македонски шампион, до реализација на трансферот не дојде, така што десниот бек веднаш најде нов ангажман и потпиша за еден од најдобрите европски клубови.

Искусниот ракометар со ГОГ Гудме дојде до четвртфинале во Лигата на шампионите и во елитното европско натпреварување постигна девет погодоци во оваа сезона, додека во данскиот шампионат ќе ја бранат шампионската титула од минатата сезона.

Цехте има 29 години, потекнува од школата на Горење Велење, каде што играше до 2018 година, а оттаму се пресели во Бундес лигата. Словенечкиот репрезентативец во најсилната лига на светот го носеше дресот на Хановер, клуб во кој мина четири сезони.

За репрезентацијата на Словенија има настапувано на повеќе од 52 меѓународни натпревари и постигнато над 80 погодоци. Новиот член на Еурофарм Пелистер  беше дел од националниот тим на последното Европско првенство во Унгарија и Словачка, но немаше голема минутажа.

Еурофарм Пелистер по освојувањето на шампионската титула објави дека клубот го напуштат – Гоце Ојлески, Бојан Маџовски, Усама Хосни, Мохамед Суси, Себастијан Хенеберг, Мартин Велковски и Милорад Кукоски.