„Двапати бев во Келн кога Вардар освојуваше титули – драго ми е што доаѓам во голем клуб“

Еден од новите играчи во македонскиот шампион Вардар е францускиот кружен напаѓач Жереми Тото.

Французинот доаѓа од полската Висла Плоцк, со која беше дел од завршниот турнир во Лигата на Европа, а неговите први импресии од клубот и градот се позитивни.

„Дојдов во неделата, мојот прв впчеаток е дека Скопје е прекрасен град, лани играв во помал град, Плоцк. Луѓето ме препознаваат уште веднаш, а кога добив шанса да зборувам со некои луѓе, сфатив колку го овде го сакаат Вардар. Денеска почнавме со подготовки, имам добро чувство пред стартот на оваа сезона, мислам дека ќе играм со одлични момци, искусни момци. Со новиот тренер ќе научам нова филозофија на игра и ќе биде ново искуство за мене. Си правам самиот на себе притисок, ќе играм во овој голем клуб кој два пати беше шампион, но тој притисок е позитивен. Сакам да стигнеме што подалеку можеме во ЛШ, СЕХА и дома. Кога ги освои Вардар двете титули бев во Келн и ги гледав, а сега сум тука…Малку ми е неверојатно“, вели Тото.

Тој веќе бил во Македонија и бил дел од Струшкиот турнир пред пет години со францускиот тим Кретеј.

„Јас веќе играв во Кретеј со Борко Ристовски и тогаш бев дел од Струшкиот турнир, пред пет шест години и тоа беше интересно искуство да се игра на отворено“, заврши Тото.

Првиот официјален натпревар Вардар ќе го одигра на 11 август, кога во Супер Купот ќе се сретне со Еурофарм Пелистер.