Горан Кузманоски има нов предизвик – ќе го предводи тимoт на Скопје

Еден од тренерите во Македонија со Мастер Коуч лиценца, Горан Кузманоски, во следната сезона ќе го предводи суперлигашот, Скопје 2020. Некогашниот репрезентативец на Македонија, кој имаше уште неколку понуди од македонски клубови, но и неколку опции за интернационална тренерска кариера, одлучи да остане во Македонија и своето знаење и искуство да им го пренесе на младите ракометари на Скопје.

Откако во бараж средба обезбеди опстанок во Супер лигата, тимот на Скопје почна со консолидирање на своите редови и создавање на тим што в година ќе биде поконкурентен. Првиот чекор е ангажирање на тренер. На клупата на Скопје в година ќе седи Горан Кузмановски, поранешниот репрезентативец на Македонија, а последните две сезони беше дел од Прилеп.

Популарниот Таста клупата на Скопје ќе ја преземе од тренерската палка од Андријана Будимир. Таа останува во стручниот штаб заедно со Ања Алтхаус, и двете и сезонава беа во клубот. Планирани се и неколку играчки засилувања со кои Скопје треба да биде конкурентен и да може без проблеми да биде најмалку во „златната средина“.

Екипата на Скопје за Кузманоски ќе биде втор предизвик во неговата тренерска кариера. Кузманоски во последните две сезони мина на клупата на Прилеп и од прилепскиот тим заминува со исполнета цел, двапати со клубот успеа да обезбеди опстанок во најквалитетното македонско натпреварување.

Кузманоски како играч настапуваше за повеќе македонски клубови, потекнува од составот на Тутунски Комбинат Бренд, а во играчката кариера ги носеше дресовите на Пролет, Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, додека во странство беше член на шведскиот Трелеборг, португалската Мадеира, шпанската Виља де Аранда…

Најголема трага остави во романскиот тим Одорхеи, каде играше од 2011 до 2018 година пред да сѐ врати во Македонија. Во Романија се афирмираше како лидер, а во последната сезона во Одорхеи беше и помошен тренер на тимот.

Новата сезона во Супер лигата треба да почне на 3/4 септември. Прв предизвик за Кузманоски во новиот клуб ќе биде екипата, во која ја одигра последната сезона од играчката кариера, Еурофарм Пелистер. Освен Еурофарм Пелистер, Скопје за противници во рамки од Групата Б ги има и екипите на Голден Арт, Пролет, Тиквеш, Радовиш, Јуниор КВ и вториот тим на Еурофарм Пелистер.