Голужа: Хрватска за мене е светост

Поранешниот селектор на Хрватска, Славко Голужа е прогласен за најдобар тренер во словачката лига. Хрватот како тренер на Татран Прешов успеа со тимот да издоминира во домашниот шампионат и да ги освои двата пехари, титула и трофејот во Купот на Словачка.

Голужа беше и кандидат за нов селектор на хрватската репрезентација, но изборот падна на Хрвоје Хорват.

За „24Сата“, Голужа изјави дека ја почитува одлуката на ХРС и ги прокоментира остварените резултати на неговата екипа за сезоната што веќе изминува.

„Луѓето во сојузот одлучија како што и мислеа. Тие избираат и одговараат, а јас немам друг избор освен да ја почитувам нивната одлука. За мене Хрватска е светост, секогаш и пред се, и поради тоа не давав изјави за време на избирањето на селекторот, а ниту подоцна не давав било какви коментари бидејќи не сакав моите зборови погрешно да се протолкуваат”, изјави Голужа.

Татран Прешов во рамките од Лига на Европа беше елиминиран уште во почетната фаза. Сепак, Голужа е задоволен од неговите избраници бидејќи поради ситуацијата со ковид-19 и повредените играчи, Татран Прешов на секој натпревар играше со само една постава.

„Ние бевме во најтешката група во Лига на Европа. Ги победивме Лисабон и Букурешт, а на останатите натпревари бевме тврд противник, бевме рамноправни и ги губевме натпреварите во последните минути. Ние не се пласиравме во следната фаза од натпреварувањето, таму заминаа Фуксе Берлин, Кристијанштад, Спортинг Лисабон и Ним, екипи со многу поголем буџет и подобри играчи, екипи кои можеа да играат и во Лигата на шампионите”, заврши Голужа.

Хрватскиот тренер го продолжи договорот со Татран Прешов на уште една година.