Голманката на Куманово ќе брани за Србија на ЕХФ шампионатот

Селекторот на женската младинска репрезентација на Србија, Драган Марков го објави списокот на ракометарки за репрезентативните подготовки за ЕХФ шампионатот што ќе се одржи од 10 до 18 јули.

Помеѓу повиканите ракометарки се најде и голманката на Куманово, Катарина Митровиќ. Голманката на македонскиот шампион заедно со Тамара Кујачиќ се единствените интернационалки во српскиот состав. Останатите ракометарки доаѓаат од домашните клубови.

Митровиќ се покажа во солидно светло и со Куманово оваа сезона ја освои титулата во домашната лига и Купот на Македонија. Младата голманка играше голема улога во екипата предводена од Ненад Краљевски.

Собирот е закажан на 7 јуни во просториите на РСС во Белград, а потоа започнуваат подготовките во Крагуевац. Србинките ќе играат на ЕХФ шампионатот во Италија, а ќе бидат во група А со домаќинот, Турција и Бугарија. Паралелно во Скопје, ќе се игра уште еден младински женски ЕХФ шампионат, на кој ќе настапи и нашата репрезентација.