Голем кикс на Загреб – заборавиле да го пријават екс вардарецот Валчак за настап во ЛШ!

По Дибиров, Чупиќ и Моралес, хрватскиот првак Загреб донесе уште еден поранешен вардарец ова лето.

Полјакот Патрик Валчак потпиша за Загреб, но не играше против Кил и ќе мора да почека за своето деби на официјален натпревар поради банална причина.

Според пишувањата на „Германијак“ и нивните извори, клубот заборавил да го пријави полскиот репрезентативец во ЕХФ за настап во Лигата на шампионите во предвидениот рок.

Тренерот Славко Голужа доби прашање на пресот по мечот, но не откри многу детали за киксот на клубот.

„Мислам дека е административен проблем, го немав на располагање, но не ни стигнав да размислувам на тоа, се свртив веднаш на подготовка на натпреварот на друг начин“, изјави Голужа.

Сепак во Лигата на шампионите има „лејт ентри“, односно рок за пријавување на нов играч пред секое коло, па веројатно Валчак ќе биде на располагање за следниот меч и гостувањето кај ПСЖ.

Валчак во Вардар мина две сезони пред лани летоска да замине во Спортинг Лисабон, но сезонава се врати на Балканот.