Голема борба во Битола, Еурофарм Пелистер со два гола негатива на пауза

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во борбата за осминафинале во Лига на Европа против Мотор Запорожје на полувреме имаат негатива од 15:13.

Битолскиот тим имаше лош почеток и негатива од 3:0 во воведните минути. Првиот гол за домашниот табор го постигна кружниот напаѓач Василев, намали на 3:1, потоа Костески реализираше за минус еден гол негатива, 3:2, но Мотор преку Денисов повторно дојде до ,,плус два” 4:2. Оваа разлика од два гола, која ја одржуваше екипата на Мотор, беше константна во првите десет минути.

Ракометарите на Валтер за тој период имаа пет промашени удари, додека гостинот само еден. Сепак, по водството на Мотор од 7:5, македонскиот вицепрвак во 12 минута со двата гола на средниот бек Танкоски за првпат дојде до израмнување, 7:7, а минута подоцна Суси реализираше за прво водство на домаќините од 8:7.

Мотор повеќе од осум минути беше во криза, без постигнат гол, но тимот на Еурофарм Пелистер не искористи да направи дополнителна предност. Пелистерци се одлепија на 10:8 и имаа период во кој успеаја да бидат подобриот противник на теренот. Главниот стрелец на Мотор, Игор Турченко беше најголемата закана за домаќините, младиот ракометар го одржуваше својот тим во живот.

Иако Еурофарм Пелистер водеше со 11:9, мотивираните ракометари на Мотор направија серија од 4:0 и го свртија резултатот во своја полза, поведоа со 13:11. Во последните минути од првото полувреме домаќините се вратија во игра и израмнија на 13:13. Мотор Запорожје за една минута постигна два брзи гола и на пауза замина со предност од 15:13.