Голден Арт не дозволи изненадување, славеше на гостувањето во Богданци

Ракометарите на Голден Арт победнички стартуваа во плеј-оф фазата во Првата машка лига откако на гостувањето во Богданци кај Младост триумфираа со 29:24, во натпревар, кој беше проследен со подеми и падови во двата табора.

Гостинската екипа имаше посакуван старт на натпреварот. Избраниците на Никола Матлиески за пет минути игра постигнаа три погодоци и дојдоа до водство од 3:0. Сепак, добрата игра во воведниот дел не беше никаква гаранција дека работите ќе се движат во посакуваната насока за Голден Арт бидејќи домаќините во најголемиот дел од натпреварот беа во игра за освојување на бодовите.

Младост успеа да го заборави лошиот почеток, заигра поангажирано на терен и со серија од 5:0 дојде до водство од 8:6 откако претходно беше во резултатска негатива од 6:3. Гостите од Скопје влегоа во мала криза и му дозволија на домаќинот голем простор за игра. До крајот на првото полувреме имаше голема борба за секоја топка, а исходот од првите 30. минути беше 13:13.

Младост во неколку моменти од второто полувреме беше во минимално водство, но ракометарите на Голден Арт од 45. минута, па сѐ до крајот на натпреварот ја диктираа играта на терен и не дозволија да направат кикс во прволигашкиот плеј-оф. Домашната екипа потфрли во последниот период од натпреварот и заслужено остана со празни раце.