Голден Арт задржа четворица клучни играчи за следната сезона

Минатата среда, на пригоден настан, тимот на Голден Арт, се заблагодари на четворица ракометари кои во иднина нема да бидат дел од клубот, а денес ги продолжи договорите со уште толку ракометари, кои минатата година беа важен дел од тимот предводен од Владимир Глигоров, кој и следната сезона ќе биде дел од најквалитетното ракометно натпреварување во Македонија.

Десното крило Мице Шилегов, левото крило Есад Дрпљанин и двајцата ракометари на бековските позиции, лев и среден бек, Христијан Милошески и Марио Миланов, најмалку уште една сезона ќе го носат дресот на Голден Арт.

Шилегов во редовите на Голден Арт пристигна минатата година од Охрид и беше еден од најдобрите стрелци во клубот, Милошески одигра солидно во два правци, презентирајќи се во високо потентен лев бек шутер, Есад Дрпњанин и покрај сериозната повреда на рамото, како млад ракометар покажа дека може да биде одлично решение во иднина и Марио Миланов, после промената на главниот тренер на клубот заблеска и се промовираше себеси во лидер на тимот во нападот.

Скопскиот клуб е единствен машки колектив сезонава што имаше три екипи во сите младински категроии што играа на Ф4 турнирите. Младинците беа шампиони, пионерите вице-шампиони, а кадетите беа четвртопласирани.

Клубот најави дека ќе регрутира некои помлади ракометари од вториот тим и ќе им даде шанса за докажување, а истовремено се работи и на пополнување на дефицитарните места за кои се смета дека треба да се има поквалиттени засилувања.