Годините се само бројка – Гичева ќе биде активна и следната сезона!

Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, и во следната натпреварувачка сезона ќе биде активна на терените.

Прилепчанката, која има 38 години, во вториот дел од изминатата сезона беше дел од косовскиот вицепрвак Феризај, додека во првиот дел настапуваше за екипата на Гевгелија.

Искусната ракометарка во следниот период ќе треба да одлучи каде ќе ја продолжи својата кариера, бидејќи на своја адреса има неколку понуди од домашни и странски клубови.

Гичева во својата интернационална кариера го носеше дресот на поранешниот романски суперлигаш Цетате Дева од Романија, Верона од Италија, Верија од Грција, како и на косовските Приштина, Вучитрин и Феризај.

Во Македонија настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа и Жито Прилеп.