Ги елиминираа Вардар и Јафа Промет, на ред дојде и Пролет

Шпанскиот тим Гранољерс е противник на Пролет во првото квалификациско коло во Лигата на Европа. За четириесетина дена овие две екипи ќе бијат две битки за место во втората рунда квалификации.

За разлика од Пролет, кој три пати досега има играно во европските купови (сите три пати на гостински терен), шпанскиот тим е многу поискусен. Гранољерс има настапувано дури 14 пати, од кои последен пат во ЕХФ Купот, сегашна Лига на Европа во сезоната 2018/19. Во минатото Гранољерс играше и во Купот на победниците на куповите, како и во Купот на градови. Може да се пофали со две титули во ЕХФ Купот – 1994/95 и 1995/96.

Во клупската историја, шпанската екипа дури три пати играла со македонски екипи – Вардар, Металург и Преспа Јафа Промет. Интересно ниту еднаш нема победено на гостувањата во Македонија. Но ако се следи праксата на Пролет, сите европски натпревари да ги игра на гости, тогаш Гранољерс овојпат нема да биде гостин.

Гранољерс играше со Вардар во ЕХФ Купот во 1/16 финалето од сезоната 1994/95. Дома славеше со 34-23, а во Скопје загуби со 35-31. Против Јафа Промет, шпанскиот тим играше во осминафиналето од ЕХФ Купот во сезоната 1996/97. Тогаш во Ресен загуби со 22-16, но дома ја надомести негативата  победи со 30-22. Но Гранољерс има и лоши спомени од Македонија. Беше елиминиран од Металург во осминафиналето од ЕХФ Купот во сезоната 2007/08. Во Скопје загуби со 29-26, а дома славеше само со 27-25.

Од играчкиот кадар, најзвучно име е левиот бек Антонио Гарсија Робледо, кој играше за ПСЖ, ЧСМ Букурешт, Адемар Леон…Имаат само еден интернационалец во составот, а тоа е чилеанскиот пикер Естебан Салинас. Него му прави друштво Орио Реј на линијата од шест метри, додека заминаа едни од најдобрите стрелци на тимот во минатата сезона – десното крило Мамаду Гасама и средниот бек Борха Лансина. Замина и голманот Пол Састре, а на негово место беше донесен чуварот на мрежата од Ла Риоха, Ранхел Луан. Левиот бек, кој досега беше капитен на екипата, Марк Гарсија на 36 години замина во пензија. Неговата замена доаѓа од француската Ница, Хоан Амиго, талентиран лев бек што има 18 години, а потекнува од младинските школи на Барселона.

Севкупно гледано, четири заминувања и само две заминувања, се добива впечаток дека Гранољерс е послаб во однос на лани и ќе има лимитиран играчки кадар. Но ист таков има и Пролет, на кој очајно му треба десен бек, пивот, како и чувар на мрежата. На другите позиции македонскиот тим е коректно покриен, но дали тоа ќе биде доволно за елиминација на шпанската екипа, останува да почекаме.

Првиот натпревар меѓу Пролет и Грањолерс би требало да се игра во Скопје на 28/29 август, додека вториот во Шпанија на 4/5 септември.