Гичевска: Имаме нов тим, нов селектор, нов систем, нови акции – ќе нѝ треба време

Ракометарката која доби нова улога во сениорската репрезентација на Македонија, Леонида Гичевска очекува многу повеќе во иднина, но од она што го изјави за 24Ракомет можеше да се види засегае задоволна како се одвиваат работите на тренините со големиот број на новитети,

Македонија дефинитивно има измени, така што допрва ќе треба да се покаже најдоброто.

„На овој натпревар имав поразлична улога и на некој начин бев лидер на оваа помлада генерација на теренот. Имаме многу помлади ракометарки во оваа ЕХФ недела. Главно сум задоволна со оглед на тоа што имавме два дена заедно. Ова е тотално нова екипа, со нов селектор, со нов систем на игра и нови акции. Црна Гора имаше повеќе денови за работа, а ние кои играме надвор се приклучивме во понеделникот и 2-3 дена се малку за еден нов систем и нови акции. Покажавме дека се боревме. Можеби ова не беше нашиот максимум, но со повеќе тренинзи, собири на овој начин и доколку сме констаннтно истите играчи можеме да се изградиме во добра репрезентација“, изјави Гичевска за 24Ракомет.

Во однос на играта, новината е во комплетниот систем така што сега се бара нешто сосема поинакво од ракометарките на теренот.

„Мислам дека со новиот селектор имаме многу поразличен систем. Засега е добро, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Прерано е сега да можам да кажам нешто повеќе во однос на промените“.

Причините за поразот од Црна Гора ги побара во одредени моменти кои се случија во второто полувреме.

„Можеби тие две минути кои ги добивме во второто полувреме беа решавачки со оглед на тоа што таа страна на која игравме не ни одговараше бидејќи не можевме да ги направиме измените навремено и добро, па во контра и полуконтра да стигнеме добро и да направиме повеќе“.

Таа игра во Франција, а колку настапите во оваа земја и помогнаа да напредува во играта можеше да се види и против Црна Гора кога имаше одлични акции при што реализираше и самата, но и асистираше.

„Не може да се спореди. Се работи главно на физичка подготвеност. Се тренира многу. Од понеделник до четврток имаме по два тренинга дневно. Тренинзите не мора да се интензивни, но редовно има по два. В петок имаме еден тренинг, а в сабота натпревар. Првенството е многу силно. Има квалитетни натпревари. Сите екипи работат квалитетно и нема голема разлика. И кога играат првиот со последниот е неизвесно. Секој натпревар е борба. Тоа е главен адут за еден играч да порасне“.

Таа во Македонија играше во неколку екипи, а беше дел и од Вардар кога играше во Лигата на шампионите.

„Секогаш сум благодарна и задоволна од мојот напредок. Јас тука играв и за првата екипа на Вардар, но сметам дека тогаш не бев толку подготвена како сега бидејќи тогаш играаа поискусните, а ние немавме многу значаен дел во тоа“, изјави Гичевска за 24 Ракомет.

Вториот дуел против Црна Гора се игра в недела, па тоа ќе биде нова шанса за да се потврди квалитетот и уште еднаш да се одигра на високо ниво.