Гичева продолжува како во најдобрите денови – Феризај го доби градското дерби!

Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, сѐ уште игра во одлична форма, иако има 38 години.

Прилепчанката, која во вториот дел од сезоната направи трансфер од Гевгелија во Феризај, со осум гола го предводеше својот тим до победа во градското дерби против Кастриоти.

Феризај во натпревар од 16. коло од најквалитетното натпреварување на Косово полесно од очекуваното го совлада градскиот ривал со 29:21 и направи голем исчекор на табелата.

Во тимот на Феризај настапува и екс голманката на Кометал ЃП, Веселинка Треноска, која исто така е еден од главните играчи во косовскиот суперлигаш.

Екипата на Феризај има 25 бодови, ист број на бодови има и Вуштрија, додека актуелниот лидер Истогу има 32.

Пред стартот на плеј-оф фазата треба да се одиграат уште две кола, во кои Феризај има ривали по мерка.