Германска шлаканица за Вардар, Магдебург до трофејот на „Хумел Куп“

Ракометарите на Вардар загубија убедливо во финалниот натпревар на „Хумел Купот“ од домаќинот Магдебург со 31-20. Иако првото полувреме навестуваше неизвесен натпревар до крајот сепак вардарци одиграа катастрофално во вториот дел и му дозволија на ривалот да прославија висока победа.

Вардарци отворија одлично со водство од 2-5, што го натера домашниот тренер Вегерт да бара тајм-аут. Томовски одбрани пенал во продолжение, а Дибиров стрелаше за 3-6. Дамгард од безизлезна ситуација намали на 4-6, но руското лево крило зголеми повторно на плус три, 4-7. Беше 5-8, но во продолжение нападите на Вардар станаа безидејни, па домашните направија серија од четири гола за 9-8.

Георгиевски израмни на 9-9, беше и 10-10, но домашните со голот на голманот Јенсен стигнаа до плус два, 12-10. Томовски одбрани зицер и спречи минус три за Вардар, а до крајот на полувремето македонскиот тим намали на 12-11. По само пет минути игра во второто полувреме Магдебург се одлепи на плус пет, 18-13, а по одбраните на Грин, домаќините имаа и највисоки плус осум, 22-14 со голот од пенал на Магнусон.

Грин продолжи одлично на голот на Магдебург, а Гулеруд зголеми на 23-14 на петнаесетина минути до крајот, па Вујовиќ мораше да бара тајм-аут. Тоа не вроди со плод, продолжи истата игра на теренот во продолжение, па беше и плус 11, 27-16 за Магдебург. Немаше возбудувања до крајот на мечот, па домаќинот рутински ја задржа предноста за конечни 31-20.

Вардарци утре се враќаат во Скопје и ќе продолжат да се подготвуваат за натпреварите од СЕХА лигата против Загреб што носат пласман на Ф4 во регионалното натпреварување.