Георгиевски за 24 Ракомет: Сè уште не знам каде ќе играм следната сезона

Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Македонија, Гоце Георгиевски одигра солидно првенство во Виена, а покрај коментарите за игрите на првенството тој за 24 Ракомет зборуваше и за иднината на клупски план.

Иако не сакаше да каже ништо конкретно околу тоа кој клуб би бил следен во неговата кариера, сепак, најверојатно ќе си замине од редовите на ЧСМ Букурешт.

„Сè уште нема ништо конкретно околу тоа каде ќе играм во следната сезона. Во екипата на ЧСМ Букурешт сум веќе четири години. Таму почнаа некои проблеми во клубот и не знам како ќе се одвиваат работите до крајот на оваа сезона. Времето ќе покаже што ќе се случува. Има време за одлука каде ќе ја продолжам кариерата. После Европското првенство ќе се насочам кон клупскиот ангажман“, рече Георгиевски за 24 Ракомет.

Засега не коментира дали постои можност да се врати во Македонија и да заигра за некој од најдобрите македонски тимови, но секогаш постои таква опција.