Георгиевски: Ако играме на највисоко ниво, може да ја елиминираме Романија

Македонија ги доби противниците во бараж натпреварите за следниот Мундијал во Полска и Шведска.

Избраниците на Кире Лазаров ќе се соочат со Романија, а доколку ја елиминираат ќе играат против Чешка.

Десното крило Гоце Георгиевски смета дека можеме до место на СП.

„Сметам дека можеме да се пласираме на Мундијалот. Доколку го дадеме најшиот максимум и играме на највисоко ниво, можеме да се носиме и со Романија и со Чешка. Мораме прво да размислуваме за Романија, а за Чесите кога ќе дојде време. Мора да размислуваме како да ја скокнеме првата пречка. Романија има квалитетни ракометари, по три години го вратија Шпанецот Пасквал за селектор, и едно знам дека нема да биде лесно. Само ако играме на највисоко ниво, ќе може да ја елиминираме Романија“, смета Георгиевски.

Средбите меѓу Романија и Македонија ќе се одиграат во периодот меѓу 14 и 20 март.