Гевгелија предводена од Гичева ја оствари втората победа во новата сезона

Ракометарките на Гевгелија ја остварија втората победа во годинешната сезона, откако во натпревар од 7. коло од Женската лига славеа против дебитантот Скопје со резултат 30:27.

Домаќинките во финишот направија од готово-вересија, бидејќи гостинската екипа намали на 27:25 и остана во игра за освојување на барем бод од дуелот, кој беше одигран во спортската сала  „26 Април“, но поискусната екипа предводена од двете екс репрезентативки на Македонија, Мери Гичева и Ленче Илкова, не дозволи изненадување.

Гевгелија имаше одличен старт против дебитантот и по десет минути игра дојде до водство од 7:1. Младата екипа на Радуловиќ немаше одговор за брзата транзиција на домаќинките, кои лесно стигнуваа до голови и веќе кон средината на првиот дел имаа водство од 10:2. Во последните петнаесетина минути од првиот дел Скопје успеа да заигра поангажирано и сѐ почесто доаѓаше во позиција да го загрози водството на домаќинот.

Домаќинките по водството од 11:4 се опуштија и опуштеноста во домашните редови ја искористија гостинките и со серија од 3:0 намалија на 11:7. До крајот на полувремето се играше гол за гол и екипата на Гевгелија беше во водство од четири до пет гола разлика. На пауза резултатот гласеше 19:14 во корист за составот на Татјана Љатева.

Во вториот дел Гевгелија имаше предност, најчесто водеше со пет гола разлика и во финишот целосно се опушти. По водството на домаќинките од 27:22, тимот на Скопје со три гола во низа намали на 27:25. Два гола разлика беше уште во два наврати и поискусните ракометарки на теренот со голот на Димова во последната секунда ги поставија конечните 30:27.

Најефикасна во победничката екипа беше Мери Гичева со девет погодоци. Кај Скопје листата на стрелци беше предводена од Попова Јасмина со седум гола.