Вчера прогласија банкрот, денеска најдоа спас во фузија

Екипата на Архус која игра во најсилната лига на Данска прогласи банкрот, но за да го избегне најлошото успеа да најде спас во спојување со тимот на Скандерборг.

Пред почетокот на завршниот дел од сезоната ова беше најдоброто решение за спас на тимот на Архус, а веќе е објавено дека двата клуба успеаја да се договорат.

„За да можеме да продолжиме со натпреварувањето на теренот, се согласивме да се обединиме и да се зацврстиме на врвот на данскиот ракомет во следните три години. Би сакале да играме за медали“, вели претседателот на Управниот одбор на клубот Јорген Нос.

Играчите кои досега играа за тимот на Архус се ослободени од обврските исто како и тренерот, кој одлучил самиот да не биде дел од проектот.

Во новото раководство и двете екипи ќе имаат по четири лица, а клубот во иднина ќе се нарекува Скандерборг Архус.