Вујовиќ: Јас сум Југословен – се чувствувам како Македонец, Србин, Црногорец…

Поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, си замина од тимот на Загреб поради лични причини.

Во моментов тој е во српскиот град Шабац, градот во кој стана европски првак со Металопластика и ужива во својата викендица.

„Јас играв за Металопластика и останав во Шабац. Мене водата и реката ме смируваат. Јас сум со агресивен карактер, кога се работи за спортот, па ова ми доаѓа како мир и ми годи“ вели Вујовиќ.

Дел од неговите тогашни соиграчи, кога Металопластика беше во европскиот врв, се веќе дел од политиката во Србија. Вујо не сака да биде политичар и вели дека тоа не е за него.

„Треба да бидам многу добар или многу лош за да бидам политичар. Политиката е како крава на кров – ја гледате и се прашувате  како се качила горе. Сметам дека не сум роден за политичар, јас сум директен и им кажувам на луѓето се што мислам. Зоран Ѓинѓиќ некогаш се обиде да ме ангажира, но кога требаше да прави коалиција со тогашниот најголем ривал, си реков што е ова – и сфатив дека не сум за политика. Јас секогаш ќе кажам ако нешто е бело, тогаш е бело. Политичарите мора да знаат да лажат“, продолжува Вујовиќ.

Актуелна е нетрпеливоста меѓу Црна Гора и Србија во однос на црковни прашања.

„Јас не знам што да кажам по тоа прашање. Јас сум Југословен – се чувствувам како Македонец, Словенец, Хрват, Црногорец, Србин…роден сум во Цетиње, а жена ми е Србинка. Јас вистинската историја за црквата не ја знам. Не ми е јасно како некој може да раздвои браќа, сметам дека сме ист народ“, завршува Вујовиќ.