Вујовиќ: Ова е моја трета етапа во Вардар, се надевам ќе биде успешна како и претходните

Веселин Вујовиќ по третпат се враќа на кормилото на двократниот европски шампион Вардар.

Стратегот потпиша договор и изрази задоволство од новата соработка со македонскиот тим.

“Ова е моја трета етапа во Вардар и се надевам дека ќе биде успешна како и претходните. Се случуваа сјајни работи со Вардар откако змаинав, контактот не се промени, јас секогаш бев тука. Вардар два пати стана европски првак, стана бренд во Европа, клуб што сите го знаат во Европа. Почестен сум што пак јас ќе бидам тренер на Вардар. Кога го имавме првиот контакт, кога размислуваме, јасно ни беше дека Вардар не е како претходно со истиот силен состав, но можеме да направиме хомоген состав од млади играчи од Македонија и квалитетни странци да направиме добар резултат. Целите на Михајловски секогаш се повисоки од објективните, а јас како тренер секогаш сакам повеќе од зацртаното. Ги гледав младите од Работнички и кадетите од Вардар. Ќе имам состанок со сите млади ракометари, ќе им кажам што очекуваме од нив, мислам дека не треба да се носат по секоја цена странци. Се надевам дека пандемијата ќе заврши и ќе се врати публиката на терен. Вардар преживеа една тешка ситуација, Михајловски го стабилизира и се надевам дека сега ќе се движи на вистински пат. Мојот камбек во Македонија е враќање како дома, едвај чекам да почнат подготовките, а сите останати работи ќе ги решаваме тековно”, вели Вујовиќ.