Вујовиќ: Не го знам системот на Вардар, јас имам свој систем

Екипата на Вардар во новата сезона ќе има неколку нови ракометари и пред тренерот Веселин Вујовиќ е сериозен предивик во кој ќе мора да се одговори на задачите и да се создаде играта со која ќе треба да се дојде до позитивен резултат во текот на сезоната.

Следува сезона во која ќе треба да се игра во неколку различни натреварувања и поради ова ќе биде доста тешко да се одговори на сите страни. Секако ќе биде потребно и време за да може сите нови играчи да се уиграат според планот кој го има Вујовиќ.

„Во ситуацијата каква е нашата го немаме времето кое ни е потребно за создавање на играта и уигрување. Со толку нови ракометари сметам дека потребното време е 6-7 месеци. Сепак, се бараат резултати и ќе мора сето ова да биде многу побрзо“, коментираше Вујовиќ.

Според него одбраната ќе биде клучна, а вели дека тој секогаш има свој систем кој играчите ќе мора да го спроведат на теренот.

„Најголемата основа е добрата одбрана. Многу ќе зависи и од голманите. Ако имаме добра одбрана сè е полесно бидејќи потоа во нападот секогаш е полесно. Јас не го знам системот на Вардар од последните години бидејќи јас имам мој систем, а секогаш има детали кои треба да ги вклопиш“.

Во моментов на тренинзите на Вардар го нема Гурбиндо, како и кадетскиот репрезентативец Савревски

„Еден од играчите за кои инсистирав да дојде во Вардар е Жереми Тото. Тој немаше минутажа во Висла, а сите се чудеа зошто толку инсистирав. Потоа кога одигра добро на Ф4 се појавија и други кои се заинтересираа за него, но ние веќе го имавме потпишано. За нас е чест и гордост што имаме играч на Олимписките игри (Гурбиндо), додека Савревски е со кадетската репрезентација на Македонија и тоа е една добивка за нашата екипа“, изјави стратегот на „црвено-црните“.