Вујовиќ: Гаџа ме нервира понекогаш, Кудуз го „чувам“ за Монпелје

Вардар заедно со ПИК Сегед се единствените две екипи во Лигата на шампионите што по три кола немаат пораз.

Тренерот Веселин Вујовиќ иако има многу нови играчи во тимот, успеа да го вкомпонира тимот и „црвено-црните“ играат одлично последните две недели.

„Ги победивме Данците кои понекогаш мислат дека го измислиле животот и ракометот. Нив ги победив и со Загреб, а тоа е последната победа…Во Скопје не знаеја каде се, на која страна „удараат“, иако имаше само 2.000 луѓе поради епидемиолошките препораки. Одигравме баш добар натпревар. Во ситуација кога Гурбиндо покажуваше незадоволство, ние ги најдовме браќата Њокас, кои не ги планиравме. И ете, среќата не посака, добив два вистински играчи, кои додуша мислат дека секогаш шутот е најдобро решение, но мора да бидат контролирани. Публиката ги крена амбициите, но без оглед на ситуацијата, ние не сме фаворити против никого. Цврсто сме на земја, ова е само добар почеток“, вели Вујовиќ за „Спортске Новости“.

Хрватите ги интересираше колку „Вујо мајсторе“ е задоволен од настапите на нивните репрезентативци во дресот на Вардар.

„Задоволен сум од нив, иако Гаџа понекогаш ме нервира, бидејќи нема ни ’прва’, ни ’трета’ брзина, секогаш е во ’втора’, а Кудуз имаше проблеми со повреда, па одлучив да го поштедам и да ми биде подготвен за Монпелје“, заврши Вујовиќ.

Вардарци утре ги чека натпревар против Бутел Скопје во Суперлигата, а следен предизвик во Лигата на шампионите ќе биде натпреварот со Монпелје на 13 октомври.