Вујин си замина од Вардар!

Екипата на Вардар утринава замина за Унгарија каде во четврток треба да го игра натпреварот од ЕХФ лигата на шампионите против ПИК Сегед, но во некомплетен состав – без Србинот Марко Вујин. Тој уште вчера своеволно ги напуштил соиграчите и едноставно заминал. Не го одработил тренингот туку само се поздравил со соиграчите и заминал.

Според информациите на 24Ракомет причината за ваквото однесување на српскиот интернационалец била незадоволството зошто не играл на последниот натпревар со ПИК Сегед. Вујин не се појавил ниту утринава во закажаното време за заминување за Сегед. Дел од играчите на Вардар ни потврдија дека Вујин не бил со нив на пат за Унгарија, несакајќи да коментираат што било причината.

Во тимот што ќе „брка бодови“ во Унгарија го нема ниту Борко Ристовски кој поради повреда остана во Скопје.

Сите соиграчи на Вујин биле изненадени од постапката и никој немал најава дека нешто вакво подготвува десниот бек. Според играчите на Вардар, она што го сторил Вујин воопшто не било коректно и ги оставил на цедило во период кога почнува пеколното темпо за тимот. Досега во ниту еден момент немало причина за вакво однесување на нивниот колега.

Тој сезонава дојде од Португалија како големо засилување, но реално на терен не покажа она што од него се очекуваше. Имаше доста критики за играта, а на последниот дуел со ПИК Сегед тренерот Алушовски играше повеќе со Чупиќ на десен бек.

Нешто слично направи своевремено и Вуко Борозан кој го немаше на тренинзи, па потоа не замина со екипата за Загреб на осминафиналниот меч од ЛШ. Не издржа долго и си замина, а потоа Вардар стана по вторпат европски првак со триумфот во Келн.

Вардар во четврток во 18,45 треба да игра меч со ПИК Сегед, а потоа на 21 и на 24 февруари две средби со Елверум во Скопје.