Втор триумф во два дена: Ристовска и ЦСКА Москва убедливи против АГУ Адиф

Екипата на ЦСКА Москва немаше проблеми против АГУ Адиф и славеше убедлива победа со високи 37:23 во натпревар од 21.коло од домашниот шампионат.

Екипата предводена од Олга Акопјан уште од самиот старт ја потврди својата доминација, а на полувреме резултатот беше седум разлика за ЦСКА Москва, 18:11. Во второто полувреме ЦСКА Москва го зголемуваше своето водство за конечни плус 14 гола разлика.

Во натпревар каде шанса имаа ракометарките со помала минутажа, репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска постигна два гола од исто толку удари. Најефикасни во московската екипа беа Јулија Маркова и Антониа Скоробогатченко со по пет гола.

ЦСКА Москва моментално е на третата позиција во руската лига со 34 бодови, второпласираната екипа Лада Тољати има 36 бодови и натпревар повеќе во однос на ЦСКА. Пред два дена ЦСКА славеше убедливо на гости кај екипата на Краснодар, а во следното коло екипата на Сара Ристовска игра против УФА Алиса.