Втор пораз за Македонија во Србија

По вчерашниот пораз од три гола, 29-26, денеска машката репрезентација на Македонија загуби поубедливо на пријателскиот натпревар од селекцијата на Србија во Ниш. Избраниците на Кире Лазаров беа совладани со 33-23, а на полувремето домаќините водеа со плус шест голови, 17-11.

Македонија го стартуваше натпреварот со Кизиќ на голот, Аларов на пивот, како и вчера, а Манасков, Ѓорговски и Серафимов во бековската линија. Костески и Кузмановски беа на крилницте позиции.

Србите водеа со 3-2, но беа промашени дури три пенали, па домаќините се одлепија на 8-2, а потоа и на 13-4. Беше 17-10, но Мишевски погоди за 17-11 на пауза.

Нашите ракометари намалија на 20-15, Херона побара тајм-аут и Србите повторно „нагазија“ за плус осум, 23-15. Најубедливата позитива за домаќините беше плус 11, 29-18, но на крајот мечот заврши со десет разлика, 33-23.

Шанса за настап добија сите ракометари, па селекторот Лазаров има комплетна слика кои играчи можеби да ги приклучи кон А репрезентацијата.

Поради тоа што нашата репрезентација не игра квалификации за СП и нема да има официјални натпревари до ЕП, термините во ЕХФ неделите ќе бидат пополнети со нови пријателски натпревари.