Словенија прогласи крај на епидемијата, Врањеш повика 19 ракометари на собир!

Сениорската селекција на Словенија во машка конкуренција и покрај долгата пауза поради коронавирусот ќе одржи тренинзи, а собирот е закажан за 26 мај. Во Словенија веќе е прогласен крај на епидемијата, па животот полека се враќа во нормала.

Селекторот Љубомир Врањеш сака да има увид во формата на играчите иако немаа тренинзи со топка долго време. Тој повика 19 играчи за собирот на кој ќе се стартува со мисијата квалификации за Олимписките игри во Токио кои се презакажани за во март следната година.

Ќе се работи неколку дена, а на собирот имаше место за Урбан Лесјак, Клемен Ферлин, Урх Кателиц, Рок Запоншек (голмани), Дарко Цингесар, Блаж Јанц, Тилен Кодрин, Марио Шоштариќ (крила), Блаж Благотиншек, Матеј Габер, Кристијан Хоржен, Игор Жабиќ (пивоти), Деан Бомбач, Нејц Цехте, Јуре Доленец, Ник Хенигман, Жига Млакар, Рок Овничек, Миха Зарабец (бекови).

Сепак, олимписките квалификации не се единствените кои се во центарот на вниманието при овие подготовки туку и квалификациите за Европското првенство во 2022 година кои почнуваат во октомври, како и Светското првенство во Египет кое треба да се одржи во јануари следната година.