Во Чаир паднаа 70 погодоци, Преспа триумфираше кај Риниа и се искачи на лидерската позиција

Ракометарите на Преспа имаа успешно гостување кај Риниа М во Скопје и остварија сигурна победа со 30:40 во 6. коло од плеј-аутот во Првата лига со која се искачија на врвот на табелата.

Домашниот тим единственото водство го имаше на отварањето со 1:0, а во продолжението на натпреварот Преспа целосно доминираше и го контролираше резултатот. Во првите 30 минути гостите постојано го зголемуваа воството и на полувреме имаа добра позитива од 14:21.

Предноста од седум гола од првиот дел се покажа доволна за конечен триумф на Преспа. Во продолжението рутински одиграа и стигнаа до двоцифрена разлика за четвртата победа во плеј-аут конкуренцијата со која се осамени на врвот во лигата.

Најефикасен во победничкиот тим беше Филип Шиклевски со осум гола, а по шест постигнаа Башевски и Божиновски. Во екипата на Риниа М најмногу се истакна Орхан Емини кој постигна 13 гола, но не беше доволно неговиот тим да избегне пораз. Риниа останува на шестата позиција со шест освоени бода.