Во трилер натпревар Фленсбург поуспешен од Келце

Екипите на Фленсбург и Келце одиграа интересен и до крај неизвесен натправар во првото коло од Лигата на шампионите. После голема борба во трилер завршница победата им припадна на ракометарите на Фленсбург со 31:30.

Во невообичаени услови за ракометен натпревар во Германија пред празни трибини двете екипи прикажаа врвен ракомет соодветен за најдоброто европско клупско натпреварување.

Каралек добро го отвори натпреварот со три гола, но Ване и Сван од контри го израмнија резултатот на 3:3. Во продолжението, повторно предността беше на страна на гостинскиот тим, но само минимална. Ниту една од екипите не успеваше да се одвои, па така се отиде на одмор со нерешени 14:14.

Во првите 30 минути голманите на двете екипи имаа одлични изданија, Буриќ на голот на Фленсбург собра шест одбрани додека, на спротивната страна Вулф беше извонреден со осум интервенции.

Вториот дел донесе уште поголема борба на теренот. Магнус Род со три гола донесе предност на Фленсбург, а Алекс Душебаев израмни во 39. минута. Натпреварот продолжи со постојано менување на водството на екипите, а во 48. минута Карачиќ со својот прв гол донесе водство од три гола за Келце од 29:26.

Сепак, домашниот тим многу бргу се врати во игра и повторно беше нерешено во 55. минута. Последните пет минути се играа во многу брзо темпо со брзи реализации на двете страни. Јоханесен погоди за 31:30 во последната минута, а во последниот напад Келце не успеа да погоди и бодовите му припаднаа на домашниот Фленсбург.

Најефикасен во тимот на Фленсбург беше Род со шест гола, додека по пет постигнаа Готфритсон и Ване. Во екипата на Келце, Кулеш со осум гола беше најпрецизен, а седум постигна Каралек. Вулф собра 12 одбрани, а во вториот дел Бергеруд имаше пет интервенции во клучните моменти.