Во Русија не признаваат ништо друго освен подиум: Мартин не е повеќе селектор!

Заврши селекторската епизода на Амброш Мартин на клупата на женската руска репрезентација. Шпанецот не е повеќе селектор на „зборнаја“ откако не успеа да ја однесе во борбата за медали на Европското првенство во Данска.

Претседателот на руската федерација, Сергеј Шишкарев во изјава за ТАСС, а која ја пренесе порталот „Брз Центар“, вели дека на мечот за петтото место против Холандија, Русија ќе биде предводена од друг тренер.

„Амброш Мартин ќе биде принуден да си поднесе оставка. Тој во последното интервју кажа дека е посветен на две работи – една од нив репрезентацијата на Русија, а втората – семејството. Ние донесовме решение да му дадеме шанса да се посвети на семејството. Нека ги воспитува своите синови и нека биде среќен. Синовите – тие се многу важни, а јас како татко на три сина совршено го разбирам. Друг тренер ќе биде на клупата на мечот за петто место на ЕП, како и за претстојните натпревари следната година. Кандидатурата на Трефилов нема да биде земена во предвид. Тој е голем човек, голем тренер, многу го почитувам, но неговото здравје не му дозволува да ја води репрезентацијата“, истакна Шишкарев.

Мартин стана селектор на Русија лани во август и ја водеше репрезентацијата на Светското првенство во Јапонија. Претходно беше предводник на Шпанија, Унгарија и Романија, како и тренер на Ичако, Ростов Дон и Ѓер.