Во ПИК Сегед внимателни: Во Битола не чека неверојатна атмосфера, нема да ни биде лесно

Тимот на ПИК Сегед е еден од седумте ривали на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите претстојната сезона.

Десното крило на унгарскиот вицепрвак, Марио Шоштариќ, вели дека нема да биде лесно во Битола и потсети на атмосферата што ја создаваат „Чкембари“.

„Групата е тешка, сезоната исто така ќе биде тешка. Полскиот Келце играше во финалето на ЛШ, тука е германскиот првак Кил, ПСЖ кој исто така беше на Ф4, бомбастичниот Алборг и норвешкиот Колстад кој се засили многу за новата сезона. Нема да биде лесно за нас во Битола, каде што ќе не чека неверојатна атмосфера во домот на Еурофарм Пелистер. Секој меч ќе биде тежок, но мора да ги оствариме нашите цели и мора добро да се подготвиме за тоа. Сигурен сум дека ќе имаме многу победи“, вели Шоштариќ.

Покрај Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед во групата А од Лигата на шампионите се најдоа уште и Загреб, Кил, ПСЖ, Алборг, Келце и Колстад.