Во ЛШ ќе важат нови критериуми: Мешков Брест ќе мора да ја проширува арената „Викторија“

Екипата на Мешков Брест се соочува со проблеми кои треба да ги реши за натпреварите во Лигата на шампионите откако ЕХФ направи промени во правилата.

Според новите правила арената во која ќе се играат наптреварите од ЛШ треба да има најмалку 4.000 седишта, а сега арената Викторија има капацитет од 3.500 гледачи. Во однос на ова правило од Мешков Брест потврдија дека планираат проширување на салата.

„Сопственик на арената е Регионалниот центар за олимписки спортови на Брест. Центарот и Мешков прават големи напори за модернизирање на арената Викторија. Засега арената ќе ги има сите потребни барања според регулативата за одигрување на  натпревари од Лигата на шампионите откако неодамна се одржа тендер на кој беше склучен договор за набавка на лед монитори за позади головите. Почнувајќи од наредната сезона секоја сала домаќин мора да ги има на дуелите од Лигата на шампионите. Нашиот спортски комплекс е со капацитет од 3.500 седишта, свесни сме дека ЕХФ ни обезбеди доволно време за да ја прошириме арената на 4.000 места. Веќе е донесена одлуката за проширување со додавање дополнителни редови за да се обезбедат нови места“, беше соопштено од Мешков Брест.

Екипата на Мешков во претстојната сезона во Лигата на шампионите за противници ќе ги има екипите Вардар, Порто, Келце, Фленсбург, Елверум, ПСЖ и ПИК Сегед.