Во Веспрем паднаа 71 гол, дуелот на титаните го доби Барса!

Европскиот вицепрвак Барселона славеше на гостувањето кај Веспрем со 34-37, иако во ростерот ги немаше Јанц, Н’гесан, Мортенсен и Мем, а ниту тренерот Чави Пасквал. Кај домашните недостигаа Лауге и Ненадиќ.

Веспрем водеше само на стартот преку Македа, а потоа се играше гол за гол до 4-4. Барса се одлепи на плус три, 4-7, полека ја градеше позитивата и во една брза игра со брзи завршници на акциите, успеа да стигне до плус шест, 11-17. Сепак на пауза беше 15-19.

По десетина минути во вториот дел каталонците си ги вратија шесте гола позитива, 19-25, но Веспрем не помислуваше да се откаже. Манасков, кој влезе во игра во вториот дел, заедно со Македа и Лекаи стрелаа за 22-25. Македонскиот репрезентативец даде гол и за минус еден 27-28 и најава за неизвесна завршница.

Тој погоди уште два пати за 31-31 и 32-32 и кога се мислеше дека Веспрем ќе го направи завршниот чекор кон пресврт, потклекна на крајот. Неколку грешки во нападот, кои беа казнети од Фабрегас и Доленец за 32-35 на четири минути до крајот.

Се обидоа домашните да направат уште еден камбек, но немаше време и Барса издржа за конечна победа со 34-37. Најдобри стрелци во  шпанскиот тим беа Гомез со 10 и Доленец со седум, додека кај Веспрем најефикасни беа Манасков и Македа со по шест погодоци.