Во Вардар се појави коронавирус – играчот изолиран, тимот повторно се тестира!

Коронавирусот не го поштеди ниту европскиот шампион Вардар! Пред стартот на oфицијалните натпревари во новата сезона и натпреварот со Нексе Нашице, во таборот на „црвено-црните“ има еден ракометар што е позитивен на коронавирус.

По направените тестови, доколку се утврди дека останатите ракометари се негативни, подготовките на клубот ќе продолжат според планот. Вардар досега двапати се тестираше, еднаш пред почеток на сезоната и еднаш пред турнирот во Струга.

Почитувајќи ги сите препораки, пред секој тренинг на играчите им се мери температура и клубот ги почитувал сите мерки за заштита.

Заразениот ракометар кој бил позитивен на првиот тест е веќе во изолација, и ќе остане така се додека не добие два негативни теста.

Вардар веќе ги информираше за овој случај и клубовите со кои играше пријателски натпревари минатата недела, и Металург и Еурофарм Пелистер. По одигрувањето на натпреварите клубот им дава слободни денови на играчите, па намалена е можноста за ширење на вирусот.

Натпреварот против Нексе Нашице треба да се игра в сабота со почеток во 20:15 часот, но тоа ќе се случи доколку денешните резултати на останатите играчи се негативни.