„Во Вардар доживеав втора младост, ама кога си замина Самсоненко – решив и јас да си одам“

Во ерата на Сергеј Самсоненко, функциите спортски директор, а во еден дел до сезоната и тренер, ги извршуваше Едуард Кокшаров, некогашниот руски репрезентативец

Кокшаров во интервју за реномираниот руски портал „Брз Центар“ се потсети на времето минато во Скопје.

„Кога пристигнав во Скопје веднаш се забележа дека во редовите на Вардар сè е под конец и ми стана интересно. Веднаш се потсетив на моите прекрасни години во Целје. Најважно љубовта кон тимот беше огромна, а атмосферата на трибините беше уникатна. Таму работев четири години и имам само убави спомени. Доживеав втора младост. Јазична бариера немав. Говорам на сите екс југословенски јазици, а во Македонија ги разбираат. Менталитетот беше ист, многу играчи ги познавав. Со Сергеј имав пријателски однос и до ден денес имам.  Тој е заљубен во ракометот со цело срце и направи многу за него. Создаде одлична инфраструктура во Скопје и тоа не само за ракометот, туку и за фудбалот“, вели Кокшаров.

Руската легенда вели дека само Самсоненко може да даде одговор зошто престана со финансирање на клубот.

„На ова прашање може да одговори само Сергеј. Јас не сакам да фантазирам на оваа тема. Кога стана јасно дека се повлекува, и јас си заминав. Не сакав да работам таму без него“, заврши Кокшаров.