Во Автокоманда паднаа 74 гола, Металург РА славеше против Јехона

Ракометарите на Металург РА славеа убедлива победа против Јехона во плеј-оф групата во Првата лига со 44:30. И двете екипи без никакви шанси за првите позиции влегоа во натпреварот за подобрување на своето салдо на табелата.

Избраниците на Владимир Глигоров со добрата игра и одбрана во воведниот дел имаа водство од 2:0. Екипата од Гостивар ги корегираше своите грешки и со два гола по ред го израмни резултатот на 2:2. Фидановски беше носител на играта во домашниот состав и со неговите голови, Металург РА одржуваше предност, најчесто три гола позитива.

Во последните пет минути од првиот дел, беа постигнати девет гола, пет постигнаа домаќините, а еден помалку гостинскиот состав. На полувреме, Металург РА замина со предност од 20:15.

Металург РА на почетокот на второто полувреме стигна и до највисокото водство од 23:16. Брзиот ритам на игра продолжи до последната секунда од натпреварот. Јехона немаше агресивна одбрана и дозволуваше лесни голови во својата мрежа од страна на противникот.

Кризата во составот на Јехона беше речиси целосно искористена за плус десет разлика, 31:21, на петнаесетина минути до крајот. Ракометарите на Металург РА го зголемуваа своето водство и успешно стигнаа до зацртаните бодови од денешниот натпревар.

15 ракометари од победничката екипа се запишаа во листата на стрелци, а најефикасен беше Филип Фидановски со десет гола. Во Јехона стандардно, Адис Салиу ги предводеше стрелците со девет гола.