Војводина продолжува да се засилува, донесе и репрезентативец на Тунис

Шампионот на Србија, Војводина во новата сезона ќе има засилување на својот гол, а тој доаѓа од Африка. Повремениот репрезентативен голман на Тунис, Амин Бадави ќе има задача да донесе квалитет плус во тимот.

Искусниот голман на Тунис со својата репрезентација настапи на Светското првенство во 2019 година кое се одржуваше во Германија и Данска, а една година порано, Бадави настапи и на Медитеранските игри во Тарагона. И во двата наврати, селектор на Тунис беше Тони Херона кој денес ја извршува селекторската функција во репрезентацијата на Србија.

Претходно, Војводина во своите редови го донесе и Нејц Жмавц, Алекса Кљајиќ, Милјан Буњевчевиќ и Грегор Оцвирк. Амбициите на клубот за новата сезона се одбрана на двојната круна во Србија и добар пласман во Европа и СЕХА лигата.