Владо Недановски ќе го води Вардар на дербито со Еурофарм Пелистер!

Досегашниот асистент на Веселин Вујовиќ, Владо Недановски, ќе биде тренерот кој ќе го предводи македонскиот првак Вардар до крајот на полусезоната. Тоа значи дека Недановски, кој дебитираше како главен стратег на денешниот меч против Охрид, ќе седи на клупата и во дербито со Еурофарм Пелистер во Битола, како и натпреварот со Бутел во последното коло од овој дел од сезоната во Суперлигата.

„Се одлучив за Владо Недановски, кој досега му беше помошник на Вујовиќ и денеска дебитираше на клупата против Охрид, да ја заврши полусезоната. Тој ќе биде прв тренер и ќе ја води екипата со Еурофарм Пелистер и Бутел“, изјави за 24ракомет, првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски.

Михајловски и Веселин Вујовиќ попладнево спогодбено ја прекинаа соработката, а претседателот вечерва по натпреварот со Охрид имал и состанок со играчите.

„Имав состанок и со играчите веќе и им ја соопштив одлуката. Мирно ја примија одлуката и можам дури и да кажам дека донекаде им беше и очекувано. Дали е ова потег во вистински момент? Од пораз во пораз се вовлекува се повеќе нервоза и недоверба во играчите и меѓу нив, но и кон тренерот. Ако останеше Вујовиќ сметам дека ништо немаше да се промени. Ќе загубевме и во Битола и потоа ќе бидеме се подалеку и од титулата. Со неговата смена се надевам дека ќе се случи некој анти-шок или шок кај играчите. Ќе се здрмат и тие, особено оние кои се свесни дека не играат добро и дека можеби тука ќе проработи некој психолошки момент. Во поранешни години сум имал искуство дека со промена на тренер одат работите на подобро“, потенцираше Михајловски.