Владимир Темелков гради тренерска кариера во Луксембург (ФОТО)

Легендарниот македонски репрезентативец Владимир Темелков, покрај играчката, активно работи и на својата тренерска кариера во Луксембург.

Десното крило, кое ќе биде активно и следната сезона и ќе продолжи да игра ракомет и на 44 години, ги води сите младински категории во тимот на Керженг.

Велешанецот подолго време работи и на тренерската кариера, има Ц и Б лиценци, оваа година би требало да ја добие и А лиценцата, па ќе биде чекор до Мастер Коуч.

„Ракометот е мојот живот. Едноставно – не можам без ракомет. Можеби Луксембург не може да се пофали со некои резултати во машкиот ракомет, но сепак има талентирани ракометари. Оние што ќе покажат квалитети во младинските категории многу брзо се забележани од германските и француските клубови и веднаш заминуваат таму“, вели Темелков, кој веќе 12 години игра за Керженг и живее во Луксембург.

Темелков со Керженг беше во конкуренција за титулата во Луксембург до последното коло, но загуби во клучниот натпревар. Сепак претстојната сезона ќе игра во Европскиот Куп.

Тој потекнува од Борец Велес, беше дел од Пелистер, а изгради одлична кариера во германските Фулинген, Вилштат и Балинген, пред во 2011 да се пресели во Луксембург.

Беше дел од најголемиот успех на машката репрезентација на ЕП 2012 година во Србија, играше и на СП 2009 и СП 2013, додека иако ги одигра сите квалификациски дуели за ЕП 2014, неговата репрезентативна кариера заврши тогаш бидејќи не доби повик за континенталниот собир.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!