Висок пораз за Македонија во Букурешт, Мундијалот повторно останува далеку

На првиот дуел против Романија од баражот за Светското првенство, репрезентацијата на Македонија претрпе пораз со 22:33 така што на реваншот ќе биде навистина тешко да се дојде до пресврт против состав каков што имаат Романките.

Од почетокот на средбата Македонија влезе добро во средбата, но главно погодоците доаѓаа од линијата од седум метри. Во 7. минута беше нерешено 2:2, а потоа противникот поведе со 4:2. Овие два гола негатива се одржуваа до средината на првото полувреме кога резултатот беше 5:4 за Романија. Потоа набрзина беа примени неколку гола и во 20. минута Романките имаа високи 12:4.

Тука како да дојде до консолидирање на редовите. Подобрата и поангажирана игра во одбраната донесе резултат. Негативата почна да се намалува. Во 26. минута веќе беше 8:13, а малку потоа и 10:14. Тоа се случи во финишот од првото полувреме, а на одмор се замина со негатива од четири гола и резултат 11:15.

Почетокот на второто полувреме одново донесе игра која даваше добри сигнали. Македонија намалуваше на три негатива, но не успеваше да направи повеќе. Три минути после стартот на второто полувреме резултатот беше 14:17, а потоа следуваа десет лоши минути во нападот. Во одбраната беа заработени три исклучувања, па противникот отиде на плус осум (14:22).

Конечно погодок беше постигнат во 44. минута кога Боризовска реализираше за 15:22, но брзо и Романките вратија така што негативата беше висока, а остануваше сè помалку време. На десет минути до крајот веќе беше јасно дека Македонија тешко ќе може да избегне висок пораз бидејќи губеше со 18:27, а веќе се губеше ритамот во нападот.

Романија стигна и до плус десет, 29:19 (53. минута). И покрај обидите да се намали, имаше премногу грешки во нападот така што Романија продолжи да казнува и на крајот си обезбеди и висока победа од 33:22 разлика која тешко ќе може да се стигне во Скопје кога противникот одново ќе биде фаворит.

РОМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА    33:22 (15:11)

Сала: „Динамо“ во Букурешт. Судии: Вања Антиќ и Јелена Јаковљевиќ од Србија. Делегат: Михаил Башев од Бугарија.

РОМАНИЈА: Деду, Думанска, Хосу (6 одб., 2 сед), Динча 5, Приставица 2, Бучеши 3, Неагу 12, Ласло, Базалиу, Попа 1, Пинтеа 5, Полокосер, Остасе 1, Серафицеану, Југану, Мојса 4.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 4 мин.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (1 одб.), Мицевска (3 одб.), Стојановска 1, Гакидова, Јанеска 5, Бориовска 3, Седлоска, Џатевска, Ѓорѓиевска, Јанкуловска, Јовановска, Ристовска 8, Ливриниќ, Стојковска 5, Дабевска, Гичевска.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 8 мин.