Висла Плоцк во големи проблеми – загуби два средни бека на долго време!

Еден од најголемите унгарски таленти, средниот бек Герго Фазекаш, кој има само 18 години и кој ова лето пристигна на позајмица од Веспрем во полскиот вицепрвак Висла Плоцк, заработи повреда на првиот тренинг и ќе паузира подолг временски период.

Според информациите од таборот на Висла Плоцк, младиот ракометар заработил повреда на рамото. Бидејќи се работи за сериозна повреда, ќе следува операција, која е закажана за 5 август. Младиот унгарски ракометар ќе биде надвор од ракометните терени подолг временски период, но не се знае кога точно ќе се врати во тимот на Сабате.

Тренерот на Висла Плоцк, Хавиер Сабате на располагање на средната бековска позиција ќе го има само рускиот репрезентативец Дмитри Житников. Како што е веќе познато, пред настапот на Ф4 турнирот во Лига на Европа во изминатата сезона, Нико Миндегиа, кој исто така настапува на позицијата среден бек, заработи повреда, а неговото враќање на терените ќе биде дури на почетокот на месец ноември.

Висла Плоцк во новата сезона ќе го брани Куп трофејот во Полска и покрај учеството на домашна сцена, ќе се натпреварува и во Лига на шампионите. Ракометарите на полскиот вицепрвак ќе играат во група А заедно со Загреб, Веспрем, Динамо Букурешт, Порто, ГОГ, Магдебург и ПСЖ.