Ветеранот од Велес ја замени Турција со Грција, ќе брани за ПАОК (ФОТО)

Голманот од Македонија кој потекнува од ракометната школа на Борец од Велес, Виктор Гигов и на 42 години не планира да ја заврши својата кариера туку напротив продолжува да настапува надвор од земјата.

Од Турција и тимот на Анталија се сели во Грција и ќе игра за составот на ПАОК со кој се договори за соработка во новата сезона и е најавен како големо засилување во битката за висок пласман. Се работи за искусен голман кој има одлични сезони зад себе и во домашното првенство, но и на меѓународна сцена.

„Среќен сум што се вратив во првенството на Грција после 11 години. Ќе играм за ПАОК, кој е еден од најуспешните клубови во земјата. Го сакам Солун и навистина ми е драго што ќе играм за овој тим. Со моето богато искуство од различните првенства во кои имам настапувано се надевам дека од своја страна ќе ги исполнам целите кои се поставени од страна на клубот за новата сезона. ПАОК ги има најдобрите навивачи и се надевам дека со нивна помош и љубов кон клубот дека можеме да ги оствариме нашите цели во шампионатот кој следува“, коментираше Гигов за клупскиот сајт.

Кариерата ја почна во Борец од Велес, а на 16 години доби место во првиот тим.  Играше четири години, а потоа следуваше настап за Младост, па се пресели во Исланд и Хрватска.

Во кариерата веќе има играно во Грција и тоа во Солун за тимот на Аполон Каламарија. Играше три сезони, па замина во Јужна Кореја откаде дојде во Турција и играше за Мерсин, Селка и Анталија.