Ветено – сторено: Голден Арт го донираше приходот од влезниците од прволигашкото дерби

Создавање услови за развој на нови македонски ракометари е една од приоритетните цели на тимот на Голден Арт.

Како и што беше најавено, приходот од продажба на влезниците на дерби натпреварот од првата лига против Алкалоид, кој се одржа во март месец оваа година, Голден Арт го насочи кон поддршка на македонскиот ракомет, со обезбедување на топки за младите категории на големиот расадник на ракометари изминатите години.

Топките ќе бидат донирани во ЖРК Стружанка, која и оваа година по вторпат ја освои титулата во кадетска конкуренција, каде што долги години претседател е Јован Трпеноски, а тренер Владимир Паноски и школата за ракомет Струга, која долги години успешно работи со тренерите Ѓоко и Дејан Коцарески и во која моментално членуваат повеќе од 60 момчиња и девојчиња родени 2008 година и помали.

„Струга долги години го негува ракометот и има со што да се пофали, а се однесува на ракометари кои играле на високо ниво и го носеле дресот со националниот грб. Наша цел како клуб и организација е да ги поддржиме тие млади ракометари да продолжат да работат и да сонуваат еден ден да играат на големата сцена. Ова е само мал придонес во таа насока. Голден Арт ќе продолжи и понатаму да дава поддршка во рамките на своите можности, со надеж дека ќе овозможиме подобри услови на секое дете во Скопје но и во внатрешноста да го развива својот талент и да се надградува во спортот кој го сака“, изјави Сашко Даев, претседател на Голден Арт.

Голден Арт по пауза од една сезона се врати во Суперлигата и ќе настапува во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Пролет, Радовиш, Јуниор Кисела Вода и Скопје.