Веспрем и ПИК Сегед ќе играат седум пати меѓусебе до крајот на сезоната!

Дуелите меѓу два големи ривали како што се Веспрем и ПИК Сегед секогаш се интересни не само за унгарската јавност, туку и пошироко, но и од многу меѓусебни натпревари за толку кратко време „боли глава“.

Двата тима до крајот на сезоната, односно за два и пол месеци ќе одиграат дури седум меѓусебни средби.

Најпрво ќе се сретнат во осминафинален двомеч од Лигата на шампионите на 22 и 30 март. Потоа ќе имаат еден (полуфинале или финале) натпревар на Ф4 од Купот на Унгарија на 8 или 9 април во Ѓер.

Следува реванш првенствениот двобој од регуларниот дел на унгарскиот шампионат, кој е на програмата на 15 април.

Најтешкото доаѓа за крај – во финишот на мај и почетокот на јуни ќе се играат натпрварите од финалето на плеј-офот, а таму се среќаваат прво и второпласираниот на табелата. Веспрем и ПИК Сегед се сигурни на првите две позиции, па јасно е дека ги чека најмалку два меча.

Унгарската федерација од оваа сезона го смени правилото и нема да се игра на гол разлика, туку во победи, па ако се суди според искуствата од претходните сезони за очекување е дека ќе има мајсторка и три меча меѓу двата големи ривали.

Тоа значи дека Хуан Карлос Пастор и Момир Илиќ, најмалку шест, а можеби и седум пати ќе имаат тешки задачи да ги подготват своите ракометари за дерби натпревари.