Веспрем и Мешков Брест си закажаа двобој, утре го отвораат 9. СЕХА фајнл-фор

Во првото полуфинале од 9. фајнл-фор турнир во СЕХА кој од утре до недела се одржува во Задар се среќаваат составите на Веспрем и Мешков Брест, а ова е пресметка со која ќе биде отворен завршниот турнир.

Претставници на двата тима беа на пресот пред овој дуел и ги дадоа своите видувања за она што претстои. Добро е познато дека на клупата на Веспрем е поранешниот стратег на Вардар, Давид Дејвис, кој очекува момците да го покажат најдоброто.

„Добро сме подготвени на физички план. Работевме добро во текот на паузата, а сметам дека е многу тешко да прогнозираме за шансите на ова натпреварување. Сè ќе се види на терен. немаме проблеми сите играчи се подготвени. Со коронавирус беше заразен нашиот спортски директор така што играчите немаа проблеми. Сите работеа максимално и се подготвени за она што претстои“, коментираше тренерот на Веспрем, Давид Дејвис.

На него не надоврза еден од најдобрите играчи во тимот, Мате Лекаи.

„Имаме неколку нови ракометари во тимот и им треба време за да влезат во потребниот систем. Сепак, како ќе одминува времето очекувам да биде подобро. Нема да имаме поддршка од трибините, со оглед на тоа што Унгарија ги затвори границите пред извесно време. Сепак, знаеме дека и Мешков Брест ќе нема поддршк, па публиката нема да биде некој фактор“.

Во таборот на Мешков Брест исто така имаат причини за мотив и очекуваат ова да биде убав натпревар.

„Дојдовме да се натпреваруваме и да прикажеме најдобра партија. Тука се добри екипи и секогаш елементот на среќа е од голема важност. Сепак, најважен е вистинскиот пристап за да се дојде до добар резултат.  Паузата беше проблем за сите. Многу играчи не можеа во сала и треба време ова да се сложи и сè да функционира на вистински начин. Не се жалиме. Како е за сите така е и за нас. Овој турнир се игра на крај од сезоната, а сега е на почеток, па кој се има подобро прилагодено тој може да се надева на убав резултат“, рече тренерот на Мешков Брест, Раул Алонсо.

Капитенот на овој тим, голманот Иван Пешиќ е задоволен што ќе има можност да игра во град на море бидејќи и самиот е роден во такво место (Риека).

„Јас живеам на море и тоа многу ми недостига во Белорусија. Минатата сезона не го одигравме Купот, па го одработивме пред неколку дена во август. Немавме многу пауза, па можеби тоа ќе ни биде предност во однос на Веспрем кој имаше подолга пауза и игра топло ладно. Сепак, подготвителните натпреари не се мерило бидејќи сега се игра посериозно“.

Ова е првиот полуфинален дуел кој ќе се одигра утре од 18 часот и дефинитивно ова ќе биде средба која ќе го привлече вниманието особено затоа што Мешков Брест е првиот ривал на Вардар во новата сезона од Лигата на шампионите.