Велигденска радост за Македонија – Со победнички стил потврден пласманот на Европското првенство

Репрезентативците на Македонија ветија победа против Швајцарија за Велигден и истата ја остварија откако денеска се изборија за триумф од 29:28 со што победнички ги финишираа квалификациите за Европското првенство. Со пет победи и само еден пораз убедливо се оди на завршниот турнир.

Од почетокот на средбата се виде дека гостите се дојдени за да се изборат за два бода на овој дуел и влегоа силно во натпреварот постигнувајќи два гола на почетокот. Македонија на ова одговори со три погодоци и преземање на водството, но не успеа долго да ја има предноста.

Десетина минути резултатот беше нерешен, а потоа од 5:5 дојде до 5:8 и тука Швајцарија ја презеде контролата на резултатот. Лазаров комбинираше со составот и правеше чести измени во обид да дојде до поставата која ќе може да фати посилен ритам и да го врати водството, но при таквата игра се дојде до нерешен резултат.

Иако требаше долго, сепак, во 26. минута резултатот беше израмнет на 13:13, а потоа следуваа неколку брзи погодоци наизменично на двете страни за да се дојде до нерешени 16:16 на паузата.

Во вториот дел одново ритамот беше со израмнета игра. Немаше многу погодоци во првите минути, а водството беше вратено во 40. минута кога Македонија поведе со 19:18.

Имаше неколку шанси за два гола плус, но не беа искористени. Тоа можеше да значи многу со оглед на тоа што Швајцарците ризикуваа премногу и второто полувреме го играа без голман во обид со седуммина во напад да дојдат до подобар резултат.

Конечно плус два беа обезбедени во 53. минута откако Митревски запре еден удар, а Кузмановски истрча самиот од едниот до другиот крај на теренот за 25:23. На овој резултат Швајцарците мораа уште повеќе да брзаат, па згрешија и во менувањето што само донесе уште поубава можност за зголемување на водството кое на нешто повеќе од шест минути до крајот стана три гола, 26:23.

До крајот предноста се чуваше иако Швајцарците притискаа максимално. Се обидоа да дојдат до бодови на овој дуел, но успеаја да намалат на гол. На крајот Македонија заслужено се избори за победа и со десет бода оди на Европското првенство во Словачка и Унгарија.

МАКЕДОНИЈА – ШВАЈЦАРИЈА                29:28 (16:16)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Бојан Лах и Давид Сок од Словенија. Делегат: Предраг Павичевиќ од Црна Гора.

МАКЕДОНИЈА: Митревски 1, Томовски, Велковски 1, Стоилов 1, Лазаров 6, Ѓорѓиев, Талески 3, Миркуловски 2, Маркоски, Кузмановски 6, Костески, Георгиевски 4, Младеновиќ, Пешевски 2,  Маџовски 2, Мишевски 1.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 10 мин.

ШВАЈЦАРИЈА: Портнер 1, Грациоли, Шмид 8, Мајштер 1, Рубин 9, Свајлен, Лир 1, Пендиќ, Рами 5, Ротлизбергер, Шелкер, Томинец 2, Гербл, Цендер, Бринголф, Милошевиќ 1.

Седмерци: 3/4, Исклучувања:  8 мин.